Известување за спроведувањето на тестот за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во ЕУ

           Почитувани,

Бидејќи добивме прашања како од кандидати пријавени на огласот така од медиуми во врска со полагањето на тестот за познавање на еден од трите најчесто користени јазици на ЕУ (англиски, германски или француски), закажан на 28 и 29 ноември 2020 година, а сметаме дека е од интерес за пошироката јавност, за таа цел го даваме следново известување:

Академијата целосно ги почитува Препораките и мерките од Владата на РСМ за спречување на ширењето на КОВИД-19. Имајќи ги во предвид препораките на Владата на РСМ, полагањето на тестот за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во ЕУ ќе се одвива на правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, а во согласност со Протоколот за утврдување и постапување на јавните и приватните високообразовни установи, односно единиците во состав при изведување на испитите.

Имено, согласно член 15 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CоV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на РСМ број 263/20, 269/20“), предвидено е: Aктивностите, начинот на работа и условите поврзани со организирање, изведување, постапување, реализирање и спроведување на одредени процеси и постапки од делокругот на различните општествени дејности, се утврдуваат во и одвиваат со задолжително почитување на соодветните наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување, изработени од надлежните ресорни институции од делокругот на надлежностите уредени во истите и во соработка и согласност со Комисијата за заразни болести, а кои се дадени во прилог и се составен дел на оваа Одлука и тоа: …..

  1. Протокол за утврдување и постапување на јавните и приватните високообразовни установи во Република Северна Македонија, односно единиците во состав на истите, при изведување на испитите – Прилог број 36…..“ кој може да го подигнете ТУКА.

Така, полагањето на тестот за познавање на еден од трите најчесто користени јазици на ЕУ ќе се полага согласно со наведениот Протокол. Па така, согласно протоколот за полагање во сабота и недела (28 и 29 ноември)

  • Членовите на Комисијата за приемен испит, вработените во Академијата и кандидатите кои ќе полагаат ќе бидат должни да носат заштитна маска која задолжително ги покрива носот, устата и брадата, при влегување на Факултетот, а во спротивно нема да им биде дозволено да присуствуваат на полагањето;
  • Кандидатите при влезот на факултетот ќе бидат должни да ги дезинфицираат рацете и обувките со средство за дезинфекција.
  • При влегување на Факултетот и за време на целиот престој на Факултетот, кандидатите треба да држат соодветно растојание од најмалку 2 метра;
  • Доколку некој од кандидатите кои ќе бидат присутни на Факултетот на 28 и 29 ноември 2020 година има респираторни симптоми (температура, кашлица, отежнато дишење) не смее да присуствува на испитот;
  • Кандидатите ќе бидат должни да дојдат на Факултет најмалку 30 минути пред започнување на испитот и ќе можат да влезаат само од главниот влез на факултетот и
  • Академијата за судии и јавни обвинители ќе има обезбедено редари кои ќе имаат обврска да го контролираат влегувањето на кандидатите на Факултетот, односно да ги читаат по список кандидатите на отворено пред главниот влез на Факултетот и да ги упатат кандидатите во просторијата каде е закажано полагање на испитот (со доволно растојание помеѓу кандидатите).

Во однос на постапување на кандидатите за време на одржување на испит,

  • Кандидатите ќе бидат должни да седат на посебно означените места во просторијата каде е закажано полагање на испитот кои се означени со строго почитување на меѓусебното физичко растојание помеѓу секој кандидат од најмалку 2 метра;
  • Кандидатите се должни при влегување во просторијата каде што ќе се спроведува испит да извршат дезинфекција на рацете со средство за дезинфекција на база на алкохол;
  • Носењето на заштитна маска ќе биде задолжително за времетраење на испитот;
  • Службените лица од Академијата за судии и јавни обвинители се должни за времетраење на испитот да носат заштитна маска и ракавици и
  • Просториите за време на одржување на испитот задолжително се проветруваат.

Исто така,  ќе бидат преземени мерки за Дезинфекција на просториите во Правниот факултет:

  • Пред почеток на испитот, во паузите пред почеток на следна група за испит, како и по завршување на испитот, хигиеничарките се должни да ја исчистат просторијата со средства за дезинфекција предвидени во Протоколот (маси, столчиња, катедра, под, врата, кваки, прекинувач) и задолжително да ја проветрат просторијата.
  • Во просториите во кои се полага испитот, како и на влезот и на излезот од Факултетот, задолжително ќе има корпа за отпадоци со капак.
  • Хигиеничарките пред почеток на испитот, како и по завршување на испитот се должни да го исчистат влезот на Факултетот, аулата, скалите и ходниците кои водат кон местото на полагање.

Бројот на кандидати кои ќе го полагаат тестот, распоредот на групите и термините за полагање на тестот ќе бидат објавени во четврток по одржувањето на седницата на Комисијата за приемен испит. Сите кандидати кои ќе достават решение за самоизолација, поради Корона – вирусот, дополнително ќе бидат известени за одлуката на Комисијата за приемен испит.

Во оваа насока ги замолуваме и кандидатите кои ќе го полагаат тестот задолжително да се придржуваат до наведениот протокол со цел да се избегне ширење на корона-вирусот.

Со почит

Проф. Д-р. Наташа Габер Дамјановска