Заменик директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, судија Илир Исени, како панелист имаше свое излагање на работилницата “Judicial Workshop Series – Workshop #1: Strengthening Communication Skills for Judges in Deadline with the Media and the Public“, која се одржа на 29 и 30 октомври 2021 година со физичко присуство во Vila Grabovka, Прага, Република Чешка, како и онлјан преку платформата ZOOM. Конференцијата ја организираше CEELI Institute Prague.
Во своето излагање на панел дискусијата на тема: “Case study on North Macedonia“, заменик директорот се осврна на придобивките од соработката меѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Судско-медиумскиот совет при Здружението на судиите на Република Северна Македонија, како и за потребата од учество на членови на Судско-медиумскиот совет како предавачи на обуките во Академијата, во врска со транспарентноста на судството, односите со медиумите и јавноста.
Во текот на дебатата која се разви после излагањето, заменик директорот ја потенцираше клучната улога на Академијата како единствен влез во извршувањето на судиската и јавно обвинителската функција во Северна Македонија, како и фактот дека не треба да се мисли дека почетната обука за идните судии и јавни обвинители треба да се однесуваат само на правото, туку и на комплексноста на функцијата судија односно јавен обвинител, која подразбира вештини, соодветна подготвеност, како и специфични особини и квалитети на кандидатот кој ќе ги извршува овие функции.