Денес (16 септември 2020 година) во просториите на Врховниот суд на Република Северна Македонија со почеток во 12:00 часот беше свечено одбележан почетокот на обуката на VII генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители.
Свеченоста беше отворена со воведниот говор на директорката на Академијата, проф.д-р Наташа Габер Дамјановска, која се заблагодари на сите присутни кои одвоија време и присуствуваа на церемонијата. Помеѓу гостите беа присутни највисоки претставници на правосудниот систем на Република Северна Македонија, претставници на телата и органите на Академијата, претставници на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, претставници на Делгацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, како и претставници на Амбасадата на Република Франција во Република Северна Македонија.
Во своето обраќање директорот на Академијата ги потсети слушателите за големото значење на престижните професии судија и јавен обвинител и нивната улога во креирање и унапредување на правосудниот систем на Република Северна Македонија. Меѓу другото таа истакна дека Академијата со посебно внимание ги дизајнира своите програми, а воедно и води грижа за изборот на професионален и стручен тим составен од истакнати правници, професори и експерти кои ќе ги пренесат своите знаења, со цел да ги пресретнат потребите на идните судии и јавни обвинители, односно, слушателите на обуката на Академијата.
Директорот на Академијата, проф.д-р Габер Дамјановска подвлече дека едукативниот процес нема да биде лесен, дека од слушателите ќе се очекува многу, но исто така, изрази и длабоко верување дека тие веќе се подготвени да се соочат со новите предизвици. За крај, им упати порака, да ги почитуваат и негуваат колегијалните односи бидејќи релациите со Академијата ќе им останат дури и кога ќе бидат избрани за судии или јавни обвинители.
Од говорницата во Врховниот суд, честитки и поздравни зборови на слушателите им упати и министерот за правда на Република Северна Македонија, Бојан Маричиќ. Министерот за правда им порача на слушателите да го ценат својот избор и достојно, професионално и независно да ја извршуваат својата работа. Интегритетот е важен, како што истакна тој, на прагот сме пред ЕУ и поглавјето 23 е исклучително важно за нашата држава, додаде министерот. За крај, ги повика да дадат сé од себе и со сиот свој кредибилитет да бидат позитивните чинители во сферата на правосудството.
За в.д претседателот на Врховниот суд, м-р Фаик Арслани, Академијата е успешен модел кој одлично функционира од моментот на нејзиното создавање до денес. Таа се претвори во гарант за квалитетни и стручни судии и јавни обвинители. Врховниот суд е голем поддржувач на работата на Академијата и изрази задоволство што Врховниот суд може да даде свој придонес во активностите кои ги развива и реализира Академијата. Преседателот на Врховен суд упати честитки до слушателите и ги повика на професионално, етичко, независно и непристрано вршење на нивните функции во иднина.
Во оваа свечена пригода на кратко на присутните им се обрати и претседателот на Судскиот совет на Репбулика Северна Македонија, г. Киро Здравев, кој ја нараче Академијата регрутен центар на идни судии и јавни обвинители. Според претседателот Здравев, Академијата има исклучително важна улога во продуцирање на квалитетни кадри. Тој исто така укажа на значењето на интегритетот на судиите и им порача на слушателите својата работа да ја вршат совесно и достојно, независно и професионално, онака како што доликува на професијата судија. Меѓу другото, претседателот истакна дека недостиг од судии во Република Северна Македонија има, и дека многу позагрозени се помалите градови. Спорд него, не смее да се потецнува тежината на работата на судиите од помалите градови, бидејќи судиската работата секаде е подеднакво одговорна и сложена.
Со поздравен говор до слушателите се обрати и претседателот на Советот на јавните обвнители, г. Ацо Колевски. Како и претходните говорници и тој ги повика на чесено и совесно вршење на обвинителската функција. Упати честитки до Академијата за професионалноста и резултатите кои ги покажува сите изминати години. Посочи дека јавните обвинителства се соочуваат со сериозен недостиг од јавни обвинители, посебно, тоа е случај во помалите градови, и изрази надеж дека многу набрзо јавните обвинителства во држават ќе можат да функционираат во полн капацитет. За крај тој сподели и понекој совет со слушателите од позиција на претседател на Советот, но и како долгогодишен јавен обвинител, пришто, напомена дека за да ја извршуваат добро обвинителската функција тие требаа да знаат добро да го пишуваат диспозитивот на актот, како и посебно да внимаваат на правната квалификација на делата. Им порача да не брзаат со носење на актите, но сепак, да ги почитуваат законските рокови. Постојат уште многу нешта за кои може да се зборува, но денес е ден за одбележување на почетокот на обуката. Им посака многу среќа и успех.
По воведните излагања следеше и читање на свечените изјави од страна на слушателите.
Ветувањата дадени со свечените изјави се на праг од нивното исполнување, односно, ќе започнат со првиот час кој ќе се одржи на 17 септември 2020 година.