На 06.05.2022 година во Берово, Академијата за судии и јавни обвинители во рамките на соработката со ДЦАФ Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор ја спроведe четвртата од серијата пет интерактивни практични работилници на тема „Спроведување на мерките за следење на комуникациите“.
Оваа работилница беше наменета за судиите и јавните обвинители од апелационото подрачје Штип, како и за претставници од МВР, Царинската управа и Финансиската полиција кои се вклучени во процесот на спроведување на посебни истражни мерки.
Работилницата ја водеа обучувачи од Академијата и правни практичари кои учествуваа во создавањето на Прирачникот за спроведување на мерките за следење на комуникациите (достапен на интернет страницата на Академијата на македонски, албански и англиски јазик). Работилницата беше спроведена откако претходните два дена под водство на искусни меѓународни и локални експерти, обучувачите ги подготвуваа материјалите и интерактивните вежби кои беа користени во текот на работилницата. На работилницата со поздравно обраќање до присутните се обрати и директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, која ја истакна важноста од спроведувањето на овие обуки во унапредувањето на вештините на судиите и јавните обвинители, но и на сите претставници на релевантни институции кои делуваат професионално во оваа област.
Серијата работилници се спроведува во рамките на ДЦАФ имплементираната „Програма за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026)“.