АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ УЧЕСНИК СО ПОСТИГНАТ УСПЕХ НА МЕЃУНАРОДНАТА ПРОГРАМА ЗА ОБУКА ЗА СОВРЕМЕНИ ПРАШАЊА ЗА ПРАВОТО ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

Во период од 23 мај до 26 мај 2022 година во Анталија, Република Турција се одржа меѓународна програма за обука за современи прашања за  правото за човековите права каде учествуваше и делегација на Академијата за судии и јавни обвинители која беше предводена од директорката на Академијата, проф. д-р. Наташа Габер Дамјановска, а во нејзин состав беа: г. Бесир Алиу, јавен обвинител на Основно јавно обвинтелство Тетово, кој воедно е и член на Програмскиот совет на Академијата, како и тројцата слушатели од седмата генерација во почетната обука на Академијата: Драган Петрушев, Билјана Смаќовска и Јордан Јованов.

Настанот беше во организација на Правосудната академија на Република Турција и Агенцијата за соработка и координација на Република Турција-ТИКА.

Во рамките на програмата беа одржани повеќе предавања од страна на судии и истакнати правни експерти од Турција и судии од Европскиот суд за човекови права.

На овој настан за човековите права свое излагање имаше и директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, која ја истакна важноста на доследната примена на Европската конвенција за човекови права од страна на националните судии и јавни обвинители, притоа секогаш имајќи ја предвид богатата судска пракса на ЕСЧП како водич.  Директорката на Академијата посочи и уште еден клуен момент, а тоа е секако вклучувањето на слушателите од програмите за почетна обука во актуелни активности кои ги опфаќаат човековите права се со цел истите да бидат навремено подготвени за предизвиците кои ги носи практицирањето на двете најпрестижни функции, судија и јавен обвинител.

Според неа, важноста на ова право е во демократски вредности, либералните вредности, слободата која го влече општеството напред. Секој имаа право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на сопствено мислење и да се примаат и пренесуваат информации и идеи без мешање на јавните власти и без оглед на границите. Овој член (Членот 10 од ЕКЧП) не ги спречува државите да бараат лиценцирање на радиодифузни, телевизиски или кино претпријатија  Остварувањето на овие слободи, кое со себе носи должности и одговорности, може да биде предмет на: формалности, услови, органичувања или казни кои се пропишани со закон и се неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, за спречување на неред или криминал, за заштита на здравјето или моралот, за заштита на угледот или правата на другите, за спречување на откривање на информации добиени во тајност или за одржување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Не станува збор за апсолутно право, (иако зборуваме за слобода на мислата)- има одредени ограничувања. Сепак, ограничувањата на ова релативно право се толкуваат многу тесно, со што се поттикнува слободата на говорот, силната и отворената критика, смело воведување нови идеи кои ги движат општествата напред. Јавноста мора да биде информирана.

Она што е важно (позитивно) е: дозволување постоење на функционална деморактија и отворено и транспарентно општество, одбрана на јавниот интерес и правото на јавноста да знае, водење плуралистичка политичка дебата, лична креативности и изразување и размена на информации.

Директорката се осврна и на прашањето околу приватноста пришто рече „колку личноста е помалку позната толку е поголема нејзината заштита“, по што презентираше случаи од праксата на ЕСЧП (Axel Springer v Germany 2012; Von Hannover v Germany)

Таа исто така ја истакна и важноста на новинарите, нивната слобода на изразување, посебно при коментирање на судските пресуди. Говореше за заштитата на правата на другите, маргината на благодарност, критериуми за избалнисиран пристап (дебата од јавен интерес, колку личноста е позната, неговото/нејзиното претходно однесување, начинот на добивање на информации и нивната веродостојност, содржина форма и последици од објавувањето и сериозноста на санкцијата).

Генерално, се очекува државата да се воздржи од ограничување на ова право (негативна обврска), а во насока на уживање на ова право од страна на поединците, да преземе мерки кога се во прашање односите меѓу поединците.

Контекст: период кога властите/политичарите упорно ги тужеа опозициските медуми и политичари за критикување на написи и јавни изјави. Очигледен застрашувачки ефект и намера да се исрцпат скудните медиумски ресурси на опозицијата (изјавите се покажаа како вистинити подоцна). Директорката сето ова го поткрепи со елаборирање на судските пресуди на ЕСЧП:  Костова и Апостолов против Северна Македонија 38549/16, 5 април 2022 година, каде е констатирано дека домашните судови не успеале да обезбедат дека постои разумен однос на пропорционалност со повредата на угледот, случајот Макрадули против Поранешна Југословенска Република Македонија ( 64659/11 and 24133/13) 19 јули 2018, каде домашните судови не успеале да постигнат правична рамнотежа помеѓу загрозените конкурентни интереси и случајот Гелевски против Северна Македонија (28032/12) 2020, каде се вели дека домашните судови ја ограничиле својата анализа на општото влијание на статијата, јазикот што се користи не надминува прифатливи граници на критика.

Директорката на Академијата не се задржа само на случаи од Република Северна Македонија туку презентираше и низа други пресуди на ЕСЧП против други држави (Франција, Русија, Финска и т.н.)

Во своето предавање таа се осврна и на широките можности кои ги нуди интернетот преку кои многу поединици го остваруваат своето право на слобода, да примаат и пренесуваат информации.

Имајќи ја предвид целата сложеност на членот 10 од ЕКЧП на крајот таа истакна дека нема однапред нареден рецепт. Секој случај за себе. Повика на почитување на општите насоки и граници.  На правните практичари им порача да бидат етични, флексибилни, да се охрабрат да се справат со јавната содржина/незадоволството од нивната одлука, да бидат искрени кон себе и да живеат со тоа.

Во рамките на оваа програма беше организиран и натпревар на кој преставниците од правосудните академии на Турција, Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Република Српска, Бугарија, Романија, Албанија и Косово, предводени од своите ментори имаа свои презентации на теми од областа на човековите права.

Првото место им припадна на  директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, која имаше улога на ментор и слушателите од почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители од Северна Македонија, кои својата презентација ја посветија на членот 10 од ЕКЧП односно на слободата на изразување.

Слушателите покажаа знаење и умешност со што ја оправдаа довербата која Академијата ја има во нив и која во континуитет се залага за унапредување на нивната едукација надвор од рамките на националната законодавна рамка, што претставува силен предуслов за успешно професионално остварување на секој од нив.

За освоеното прво место им беше доделена и плакета која претставува дополнителен мотив за сите слушателите да вложуваат во себе и да ги користат ваквите можности кои им се нудат преку широката меѓународна соработка која ја има Академијата за да покажат дека Северна Македонија има судии и јавни обвинители кои имаат знаења, вештини, и капацитети да се носат со барањата на овие две функции.

Академијата за судии и јавни обвинители со гордост ја прифати оваа победа бидејќи тоа е доказ дека за влез во почетната обука на Академијата, навистина се селектираат најдобрите кандидати.